Над 300.000 евра донации за неколку месеци – Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска создаваат нов модел на грижа за заедницата

23.06.2026

Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска во изминатите 10 месеци реализираа донации и проекти во вредност од над 300.000 евра, насочени кон поддршка на ранливите категории граѓани, со особен фокус на лицата со попреченост, лицата со аутизам, пациентите и младите.

Преку бројни активности, инфраструктурни проекти, донации и поддршка на институции и организации низ целата држава, Зегин и Фондацијата поставуваат нов модел на општествена одговорност – модел базиран на долгорочна грижа, инклузија и системска поддршка.

Во рамки на хуманитарната трка „Зегин Спектратон- трка на херои во сите бои“, беа поддржани три организации: здружението „Инклузива“ за изградба на креативен центар за невродивергентни лица во Куманово, „Отворете ги прозорците“ за поддршка на родители на деца со аутизам, како и Специјална Олимпијада Македонија за реализација на инклузивни спортски активности.

Особено значајни се инвестициите во здравството. На ГОБ „8 Септември“ беше донирана најсовремена хипербарна комора во вредност од 140.000 евра, додека Центарот за рехабилитација на патологија на вербалната комуникација доби апарат за транскранијална магнетна стимулација (TMS) во вредност од 20.000 евра, наменет за поддршка на лицата со аутизам. Дополнително, се реализираат се донации на болнички кревети во Тетово и Штип, стоматолошка опрема за Клиниката за стоматологија, како и опрема за Институтот за физикална медицина и рехабилитација.

Фондацијата инвестира и во услуги и простори за деца и лица со аутизам. Во Кичево и Кочани се опремени сензорни и ресурсни простории, а во Центарот за рехабилитација на патологија на вербалната комуникација се отворија два кабинети за рана интервенција. Поддржана е и програмата за бесплатна проценка на нарушување од спектарот на аутизам, која опфаќа 70 деца и млади.

Кампањата „Херои во сите бои“, реализирана во сите осум плански региони, отвори важни теми поврзани со аутизмот, истражувањата и иновациите, а на настаните присуствуваа повеќе од 1.000 граѓани.

Покрај поддршката на здравството и социјалната заштита, Фондацијата вложува и во младите. Втора година по ред се доделуваат стипендии за студенти од социјално загрозени семејства на Фармацевтскиот факултет при УКИМ, при што годинава се поддржуваат 14 студенти со месечни стипендии.

Дополнително, реализирана е поддршка на првата телефонска линија за палијативни пациенти и нивните семејства, реновирање и опремување на простории во Мајчин дом за потребите на одделот за Психофизиологија при Универзитетската клиника за детски болести, поддршка на поткастот „Смисла“, како и низа индивидуални донации за лекување и помош на лица во тешки животни ситуации.

Со своето делување, Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска покажуваат дека вистинската општествена одговорност значи континуирана инвестиција во луѓето, здравството, инклузијата и иднината на заедницата.