Фондацијата д-р Верица Механџиска и Зегин доделуваат стипендии за студенти при Фармацевтскиот факултет
Проект
22.12.2025, Скопје- Денес, на Фармацевтскиот факултет при универзитет „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, Фондацијата д-р Верица Механџиска и Зегин доделија 14 стипендии за студентите од овој факултет запишани во прв и втор интегриран циклус на студии. Стипендиите се насочени кон поддршка и охрабрување на идните професионалци во фармацевтските науки.
Фармацевтите играат витална улога во здравствената заштита. Тие обезбедуваат безбедна употреба на лекови, ги поддржуваат лекарите и ги насочуваат пациентите кон подобро здравје. Доделувањето на овие стипендии е можност за студентите да се почувствуваат поддржани, а со тоа да постигнат подобри академски резултати и понатаму да придонесат значајно во здравствениот систем.

Христина Маханџиска Георгиевска, една од сопственичките на компанијата Зегин истакна: „Оваа соработка е резултат на заедничка визија во која образованието и знаењето на младите кадри се темел на развојот на фармацевтската професија и здравствениот систем во нашата држава. Преку овие стипендии вложуваме во оние кои покажуваат посветеност, одговорност и искрена желба за напредок. Оваа активност ја спроведува Фондацијата д-р Верица Маханџиска која меѓу другото е посветена и на мотивирање на општествен развој преку поддршка на човечкиот капитал.“
Деканот на Фармацевтскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, Проф. д-р Зоран Стерјев, изрази благодарност за поддршката на студентите и истакна дека на овој начин студентите можат да се фокусираат на учење и развивање вештини со цел да придонесат кон развој на општеството. Оваа програма за поддршка на студенти овозможува да се отстранат финансиските бариери и секој студент да има можност да постигне подобри академски резултати.
Оваа иницијатива ги нагласува континуираните напори на Фондацијата д-р Верица Маханџиска и компанијата Зегин да придонесат кон општествен развој и еднакви можности за сите.