Татјана Маневска – фармацевт и регионален менаџер во Зегин (преку 20 години во компанијата)
Интервју
Трудот се препознава, а колку ќе вложиш, толку ќе добиеш!
Мојот победнички тим е менаџерскиот тим на „Зегин“ од една страна и моите колеги и колешки со кои беспрекорно функционираме и разменуваме мислења, од друга страна.
– Работам во компанија во која се ценат трудот и посветеноста и благодарение на тоа и на мојот менаџерки тим сум на позиција во која можам да го изразам потенцијалот преку советување, препораки и помош на оние кои им е најпотребна, на болните за кои вие не сте само единка туку сте сè на светот во дадениот момент – вели Татјана Маневска, фармацевт во „Зегин фарм“ и раководител на една од најфреквентните аптеки во главниот град – Буњаковец..
Првиот иницирачки момент кој ќе ве натера да се втурнете во оваа професија е желбата и љубовта кон истата, додава Татјана.
Во „Зегин фарм“ се вработила веднаш по дипломирањето и таму работи веќе 11 години. Досега не конкурирала за работа во друга компанија. Љубезна е и срдечна, а во исто време и подготвена да одговори на прашањата на оние кои се зад аптекарскиот пулт.
– Желбата и љубовта прво ја носите со себе, а поддршката ја добивате од родителите. Се вработив веднаш по дипломирањето откако поминав задолжителната пракса од шест месеци кога и полагав за добивање на потребната лиценца за работа. Кога ќе го завршите факултетот мислите дека сте подготвен за работа дека сè знаете, па сè изгледа лесно. Но, не е така. Доаѓате на пат за којшто знаете дека мора сами да го изодите и никој наместо вас не може да го стори тоа. Се соочувате со нова средина, со нов начин на комуникација, најчесто работите со болни луѓе, нови лекови… И тогаш ја сфаќате поентата на реченицата дека секој пат до успехот е тежок и макотрпен. Да, таков е и мојот, но имав среќа моите почетоци да бидат во аптеката во Градскиот трговски центар. Тогаш таму раководител беше Анета Станковска која ме научи како да си ја сакам професијата, што значи комуникација и љубезност со пациентите, се она што на почетокот треба да го знаете – раскажува Маневска.
Можноста за постојано надоградување ја сфаќа како предност. Сака да работи со луѓе, да комуницира со пациенти.
– Мојата професија е диамична по природа. Таа не е лекција која можете да ја научите и да кажете дека се знаете. Секојдневно, со брзиот развој на технологијата имаме нови лекови и медицински препарати, како и научни тврдења за ефикасноста на истите. Затоа е најбитно постојано учење и трагање по нови информации кои се научно докажани. Ќе ме прашате зашто ја сакам мојата професија и што ме држи сиве овие години? На прво место се секако лојалните и задоволни пациенти.
Движечка сила е нивната енергија која ви се враќа како бумеранг кога некој ваш убав, љубезен збор имал моќ некому да помогне да се излекува – вели Маневска.
Правилниот совет е клучната алка во лекувањето, па затоа и не престанала да истражува овие 11 години.
Маневска ја почитува искреноста и вели дека е задоволна што има разбирање со колегите.
– Домашното воспитување влијае на тоа каков однос ќе имаш кон работата. Јас гледав од моите родители дека само со труд и упорност се постигнува целта што ќе си ја зададете. Знаете како велат старите: Раце од работа, а уста од убав збор, не се јадат. Колку ќе се вложиш или ќе дадеш, толку и ќе добиеш – раскажува.
Во работата е важно и што не си сам, туку со тим, објаснува, кој побрзо доведува до целта.
– Мојот победнички тим е менаџерскиот тим на „Зегин“ од една страна и моите колеги и колешки со кои беспрекорно функционираме и разменуваме мислења, од друга – вели фармацевтот.
Голем дел од пациентите во аптека сега доаѓаат со многу информации, претходно прочитани на интернет. Начинот на комуникација со нив, објаснува нашата соговорничка, е многу значаен.
-Постојано зборувам за надоградување на знаењето. Пациентите сега читаат на интернет, разни форуми и нерелевантни објави за кои не знаете дали постојат клинички студии и докази. Тука е вашата улога како фармацевт. Секој од пациентите заслужува да добие точна и научно докажана информација за употребата, начинот на дозирање, можните несакани дејства на лекот, дополнителната терапија која ќе го олесни нивниот начин на живот – вели.
Таа е среќна мајка и сопруга и има време и за семејството и за работата. Ако правилно си го распределите времето ќе постигнете се.
-Должината на времето поминато со моето семејство можеби е пократко од времето доколку не би била посветена на работата, но јас сметам дека токму тоа време не е мерило за квалитетот и квантитетот на љубовта. Не можете да кажете дека мајка што е успешна во својата професија помалку го сака своето дете од онаа која професионално не е ангажирана. Тоа е апсурд. Со семејство и со сопруг кој има разбирање за вас и вашата работа функционира беспрекорно. Јас сум пример за тоа. Се почнува од семејството, а децата учат од родителскиот пример – додава Татјана.